
Пеколен ритам: Вардар за три месеци ќе одигра 25 меча!
Црвено-црните ќе имаат само две паузи поради репрезентативни настапи, ако и тие не се пополнат со некој од заостанатите мечеви, а за разлика од сите останати прволигаши, последни ќе ја завршат сезоната - на 13 декември.
Историскиот пласман во Лига Европа направи ршум на и онака згуснатиот календар во Првата лига, кој е прилагоден по ФИФА и УЕФА, затоа што првенството мора да заврши до 20 мај. Со тоа, вардарци буквално ќе нема да имаат ниту слободен час, зошто ги чека пеколен ритам на секои четири дена – недела-четврток.
Поради одложениот меч со Работнички во соседското дерби од 3-то коло (требаше да се игра минатиот викенд), македонскиот шампион ќе игра последен сезонава - на 13 декември, три дена подоцна од официјалниот крај на есенската полусезона, кога на програма е соседското дерби со Работнички (меч од 12-то коло). ФФМ веќе го закажа дуелот од третото коло за терминот кога соседите треба да го одиграат вториот меч во сезоната, па токму тој втор меч е презакажан за 13 декември.
Втор проблем што ФФМ ќе го има е со претстојното осминафинале во Купот, каде што термините се поклопуваат со мечевите на црвено-црните во Лига Европа.
Васко Дојчиновски, комесарот за натпреварување најави дека ќе се бараат нови термини.
„Вардар – Шкупи сигурно ќе се одложи и ќе бараме нови термини. Мечевите во Купот се помала грижа, па има неколку опции и ќе разгледаме кои термини најмногу им одговараат на клубовите за тие пресметки. Дури постои и опција тие да играат кога ќе се игра четвртфиналето. Но, за сега сигурно е дека првиот меч од дербито Работнички – Вардар е закажан за 25 октомври, кога по распоред им е да играат во таа рунда, а тој меч што треба тогаш да се игра е презакажан за 13 декември“, вели Дојчиновски.
Уште еден прволигашки меч е проблематичен во згуснатиот распоред на Вардар, а тоа е пресметката со Академија Пандев во Струмица, која по распоред е на 27 септември (вонредно 8 коло), а ден подоцна Вардар го игра вториот меч со Розенборг во Лига Европа, на гости во Трондхајм.
Единствените слободни термини во овој тримесечен густ период во кој Вардар ќе игра речиси секој четврти ден, се периодот од 2 до 8 октомври кога е завршницата на квалификациите за овој мундијалски циклус за СП во Русија во 2018 и терминот од 6 до 14 ноември, кој е слобеден и е ФИФА-термин за репрезентативни средби.
Вардар од 12 јули до 31 август веќе одигра девет меча, шест во европските квалификации за пласман во Лига Европа (Малме и Копенхаген во ЛШ и Фенербахче во ЛЕ), два во првенството (Шкендија и Победа) и еден во Купот (вчера со Локомотива).
ПЕКОЛНИОТ РАСПОРЕД НА ВАРДАР ЕСЕНВА
9 септември – Вардар – Силекс (првенство)
13 септември – Вардар – Шкупи (Куп)
14 септември – Вардар – Зенит (Лига Европа)
17 септември – Скопје – Вардар (првенство)
20 септември – Вардар – Ренова (првенство)
24 септември – Пелистер – Вардар (првенство)
27 септември – А. Пандев – Вардар (првенство)
28 септември – Розенборг – Вардар (Лига Европа)
1 октомври – Вардар – Шкупи (првенство)
6 октомври – репрезентација квалификации (Италија – Македонија)
9 октомври – репрезентација квалификации (Макеоднија – Луксембург)
15 октомври – Вардар – Шкендија (првенство)
18 октомври – Шкупи – Вардар (Куп)
19 октомври – Вардар – Реал Сосиедад (Лига Европа)
22 октомври – Победа- Вардар (првенство)
25 октомври – Работнички – Вардар (првенство, заостанат меч од 3. коло)
29 октомври – Силекс – Вардар (првенство)
2 ноември – Реал Сосиедад – Вардар (Лига Европа)
5 ноември – Вардар – Скопје (првенство)
6-14 ноември – ФИФА термини за репрезентација
16 ноември – Ренова – Вардар (првенство)
19 ноември – Вардар – Пелистер (првенство)
23 ноември – Зенит – Вардар (Лига Европа)
26 ноември – Вардар – А. Пандев (првенство)
3 декември – Шкупи – Вардар (првенство)
7 декември – Вардар – Розенборг (Лига Европа)
10 декември – Шкендија – Вардар (првенство)
13 декември – Вардар – Работнички (првенство)
- БОЛДИРАНИТЕ МЕЧЕВИ СЕ СПОРНИ КОИ ЌЕ СЕ ПРЕЗАКАЖУВААТ И ЌЕ СЕ БАРААТ НОВИ ТЕРМИНИ ЗА ОДИГРУВАЊЕ