Без голема помпа: Куманово почна да го „крпи“ составот за следната сезона!

Со задржување на дел од играчите од минатата сезона, како и со ангажман на поранешен репрезентативец, кошаркарскиот прволигаш Куманово почна да го „крпи“ составот со кој ќе настапи во новата сезона.

Ново име е доскорешниот член на МЗТ Скопје, Игор Пенов, а во тимот остануваат актуелниот член на македонскиот национален тим, Адем Мекиќ, како и српскиот двоец Мирко Ковач и Бранислав Ѓекиќ. Во ростерот на тренерот Александар Петровиќ ќе бидат и плејада млади кошаркари, кои ќе добијат поголема шанса во сезоната во која кумановци влегуваат без големи амбиции. Буџетот е смален на минимум, а најголем дел од средствата се наменети за реновирање на спортската сала, поради што Куманово во следниот период ќе настапува во училишна сала.

Поради ова, по неколку години овој тим нема да настапува во БИБЛ-лигата каде што пред извесно време беше вицешампион, што е идентичен пласман како и на двапати во домашното првенство.