Листа за неверување, посебно за Македонците: Кои се 10-те најпопуларни спортови на светот?
Во секое истражување, фудбалот е број еден, без оглед од кој аспект се гледа, дали од број на гледачи и навивачи, од број на спортисти и аматери кои го практикуваат, од фудбалот како бизнис... Секогаш „убавата игра“ е број еден.
„Ворлд Атлас“ направи истражување на десетте најпопуларни спортови, базирајќи се на податоци колку луѓе се изјасните дека се „пријатели“ на тој спорт и уживаат да го гледаат. И без сомнение, број еден на листата е фудбалот. Ама, кога ќе ја погледнете истата, нема да ви се верува кои спортови се најпопуларни.
Ако, гледаме од македонска перспектива, тогаш ќе се разочараме. Затоа што нашиот најтрофеен и најпопуларен колективен спорт ракометот го нема во „топ десет“. А, Македонија барем во овој спорт од „големата четворка“ на колективни спортови е успешна со европски првак во машка конкуренција, европски првак во женска, со репрезентација која стандардно игра на големите натпреварувања, еднаш беше петта на ЕП...
Пред да ги прочитате десетте најпопуларни спортови, пробајте сами да направите листа и да изберете и дали ќе успеете да бидете барем блиску до истражувањето на „Ворлд Атлас“
10. ГОЛФ
Се проценува дека во светот голф гледаат 450 милиони луѓе, а најмногу ги има во Западна Европа, источна Азија и во Северна Америка. Голфот потекнува од Шкотска, а преку Велика Британија се раширил низ светот.
9. РАГБИ
Овој агресивен спорт го гледаат 475 милиони луѓе, а најмногу се ширеше од Велика Британија во земјите од Комонвелтот. Првите облици на рагби се воочени во средновековна Англија. Во Европа е популарен во Англија и Франција, а надвор од Стариот континент во Австралија, Океанија, Јужна Африка...
8. БЕЈЗБОЛ
Се проценува дека го следи преку 500 милиони луѓе. Најмногу во САД, на Карибите и во Јапонија. Потекнува од САД и овој спорт стана популарен во 19 век.
7. КОШАРКА
Спортот кој го гледаат 825 милиони луѓе, е популарен и раширен буквално по целата планета. Нема љубител на спортот кој не уживал барем еднаш во мајсториите со портокаловата топка. Го измисли Џејмс Најсмит во 1891 година во САД, како замена за фудбалот зошто може да се игра во затворен простор.
6. ПИНГ-ПОНГ
Иако овој спорт, нормално олимписки, е присутен во секој дел од светот, најатрактивен е во Кина, која патем и доминира во него. Само поради Кина, пинг-понгот е на листата зошто го гледаат 875 милиони луѓе. Измислен е во Англија во 19 век.
5. ОДБОЈКА
Највлијателна е во Европа и во Северна Америка, ама ако се суди од бизнис аспект и најмалку е платена во однос на другите колективни спортови. Но, ако нема многу пари, не значи дека нема популарност. Има преку 900 милиони луѓе што ја следат, без разлика дали станува збор за машка или женска одбојка. Овој спорт е измислен во САД во 1895 година, а основоположник е Вилијам Г. Морган, кој се послужил со елементи на кошарка, тенис, ракомет и бејзбол за да смисли нова игра.
4. ТЕНИС
Прв спорт на листава со преку една милијарда луѓе што го следат. Има силно влијание во светот, а се верува дека нешто налик на тенис се играло во древен Египет, Рим и Грција. Модерната верзија е настаната во Франција
3. ХОКЕЈ НА ТРЕВА
Ова е најголемиот шок на листата, особено ако гледаме од наша македонска перспектива. Овој спорт, тотално го засени и вистинскиот хокеј на лед, па во моментов хокејот на трева има две милијарди пријатели и луѓе што го гледаат. Најмногу поради Индија, овој спорт и котира толку високо на листата. Се игра во Европа, Африка, Азија и Австралија, а потекува од почетокот на 19 век.
2. КРИКЕТ
Делува изненадувачки, повторно ако гледаме од македонски, балкански или источно европски аспект. Ама, крикетот, кој тешко некој и да го разбере, е екстремно популарен со 2,5 милијарди пријатели и луѓе што го гледаат. Од Велика Британија се ширеше во земјите од Комонвелтот, а сега мечевите се неверојатно популарни. Најмногу за ваквата популарност е благодарение на Индија, Пакистан, Шри Ланка... На земјите во кои крикетот дури има статус поголем од фудбалот.
1. ФУДБАЛ
Ако нешто воопшто што не изненадува тоа е убедливото прво место за фудбалот, кого го гледаат и уживаат четири милијарди луѓе, што е половина од светската популација. Колепка на фудбалот е Англија во 19-от век, по што играта се раширила низ целиот свет и магијата сега го привлекува секој втор жител на планетава. Плус што фудбалот стана бизнис во кој се вртат многу милијарди евра.