Тука е крајот: Нојер оди во пензија!

Една од најголемите голмански легенди во историјата на фудбалот, Мануел Нојер најави дека ќе ја заврши професионалната кариера на крајот од актуелната сезона.

Капитенот на Баерн за своите планови зборуваше за време на посетата на навивачки клуб во Алтоминстер, каде што јасно стави до знаење дека не очекува да продолжи со играњето по претстојното лето.

„Мојата приказна ќе заврши ова лето. Засега се обидувам да уживам во времето што ми преостанува“, изјави Нојер, а неговите зборови ги пренесоа германските медиуми.

Голманот откри и дека уште минатото лето бил блиску до одлука да се повлече, но сепак решил да продолжи уште една сезона. Пресудна била атмосферата во клубот и одличните односи со соиграчите и стручниот штаб.

Неговото заминување би означило крај на една исклучително успешна ера во Минхен. Нојер пристигна во Баерн во 2011 година од Шалке и во изминатите 15 години освои 13 титули во Бундеслигата, седум трофеи во Купот на Германија и две титули во Лигата на шампионите. Со германската репрезентација, пак, се искачи на светскиот врв во 2014 година, кога ја освои титулата на Мундијалот во Бразил.

Неговиот последен период во Баерн е отежнат и од повредите. Нојер моментно се опоравува од делумно кинење на тетивата во десното стапало, а враќањето на терените е планирано за јануари. Во Минхен веќе се подготвуваат за животот по Нојер, а како негов наследник се наметнува младиот Јонас Урбиг. Искусниот голман има голема доверба во својот помлад колега и верува дека Баерн има решение за иднината на голманската позиција.