Феликс призна: Трансферот во Атлетико Мадрид беше грешка
Во интервју за португалски „Рекорд“, кое го пренесува шпански „Спорт“, Феликс се присети на рекордниот трансфер од Бенфика во Атлетико, вреден дури 126 милиони евра. Иако смета дека можел да избере подобна средина, Португалецот истакна дека во тој момент немал многу опции.
„Атлетико не беше идеален избор за мојот стил на игра. Чувствувам дека не донесов правилна одлука, но тоа не значи дека жалам. Тие беа единствениот клуб подготвен да ја плати откупната клаузула. За 126 милиони евра, ниту еден претседател на клуб не би одбил таква понуда“, изјави Феликс.
Огромната сума што Атлетико ја издвои за неговиот потпис донесе и нереално високи очекувања на „Метрополитано“, додека соработката со тренерот Диего Симеоне никогаш не функционираше на посакуваното ниво.
По позајмиците во Челси и Барселона, Феликс на крајот го напушти Мадрид. Призна дека во моментот на трансферот не бил ниту свесен колема тежина носи сумата од 126 милиони евра.
„Не разбирав целосно што значат 126 милиони евра. Во декември веќе не играв за Бенфика, а само шест месеци подоцна ме продадоа за таа сума. Сè се случи пребрзо и немаше време за размислување“, откри Португалецот.
Иако тврди дека високата цена не му создавала дополнителен притисок на теренот, свесен е дека неговите настапи постојано биле под лупата на јавноста. Сепак, кога станува збор за неуспехот во Мадрид, најголем дел од одговорноста ја презема врз себе.
„Од илјада и една причина работите не се одвиваа како што требаше. Вината е и моја и на други луѓе, но не сакам да обвинувам други. Верувам дека на крајот јас бев најодговорен. Некои работи на почетокот не ги решив на вистински начин, но минатото не може да се промени. Треба да се гледа напред, а јас сега се чувствувам во најдобрата форма во животот“, заклучи Феликс.