Хрватска се враќа на светската кошаркарска сцена - по 13 години повторно ќе игра на Мундобаскет!
Последен пат Хрватите настапија на светската смотра во 2014 година, па ова ќе биде нивно враќање по пауза од 13 години. Големата победа во Гливице ја потврдија со одлична тимска игра, а клучната разлика ја направија уште во првото полувреме.
Хрватска одлично го отвори натпреварот и во еден момент имаше предност од 17 поени. На паузата замина со водство од 48-35, а во продолжението дополнително ја зголеми разликата. Во последната четвртина Полјаците се обидоа да се вратат, но немаа сили за целосен пресврт. Најзаслужен за триумфот беше Данко Бранковиќ со 17 поени и осум скока. Лука Божиќ постигна 13, Џејлин Смит додаде 12, додека капитенот Дарио Шариќ забележа дабл-дабл со 11 поени и 12 скока, дополнети со шест асистенции. Кај домаќините најефикасен беше Џерик Хардинг со 19 поени, а Матеуш Понитка заврши со 18.
Хрватска по девет одиграни натпревари има скор од осум победи и еден пораз, исто колку и Германија. Двете селекции, заедно со Полска, веќе обезбедија место на Светското првенство од групата К. Германците претходно ја совладаа Летонија со 78-76, резултат кој исто така имаше значење за расплетот во групата.
За Хрватите ова е четврти настап на Мундобаскетот. Најголемиот успех го остварија во 1994 година, кога го освоија бронзениот медал, додека на последното учество во 2014 година го освоија десеттото место.
Пласман на Мундобаскетот вчера обезбедија уште репрезентациите на Германија, Франција и Полска, а претходно и домаќинот Катар, потоа Турција, Австралија и Канада.