Јончевски по заминувањето од Велазними се врати во Полска

Македонскиот стратег Александар Јончевски не чекаше многу да пронајде нов ангажман по заминувањето од Велазними и кариерата ја продолжува во Полска каде што веќе работеше.

Екипата на Чарни Слупск денеска официјално го претстави како свој нов тренер.  За Јончевски ова ќе биде ново интернационално искуство, но и враќање во средина што веќе му е позната. Јончевски во Полска претходно го предводеше  Шлонск Вроцлав, а сега добива нов предизвик во еден од клубовите со долга традиција во тамошната кошарка.

Јончевски самиот побарал раскин на договорот со Велазними откако пристигнала понудата од Полска и раководството на косовскиот клуб не сакало да му прави проблем во неговата желба да се врати во полската кошарка.  

Во Чарни Слупск Јончевски доаѓа на местото на Кшиштоф Шабловск кој го напушти клубот минатата недела. Пред македонскиот тренер ќе биде поставена сериозна задача да го стабилизира тимот и да ја прекине серијата лоши резултати. Чарни досега имаше осум порази од осум натпревари во полското првенство и се наоѓа при дното на табелата.