За Македонија како на шутерски тренинг: Нено вечерва шутна колку на сите осум меча за Арис – заедно!

Кошаркарската репрезентација на Македонија вечерва изненадувачки загуби на домашен терен од Кипар (75-85) во вториот меч од претквалификациите за ЕП 2029, со што само делумно си ги влоши шансите за место во квалификациите, со оглед на системот на ФИБА кој дава и дополнителна можност.

ИГОР КРСТЕВСКИ

Жолто-црвените одиграа лошо, како во одбраната така и под кошевите, каде што противникот не само што имаше повеќе скокови (38-31) туку и постигна дури трипати повеќе поени од нив (48-16). Ние се ослонувавме исклучиво на шут, во што предничеше Ненад Димитријевиќ, кој визуелно и на прва, барем за тие што лаички ја следат играта со портокаловата топка, беше најдобар со 30 поени. Но, ако се направи детална анализа, особено тргнувајќи од постулатот дека кошарката е тимски спорт во кој истите играчи играат во два правци (напад и одбрана), тешко дека бекот на Арис би можел да добие некоја посебна пофалба за прикажаното.

Напротив, деталното расчленување на неговата игра, и тоа не само вечерва туку и на сите претходни мечеви, покажува дека тој игра речиси сам, најчесто без воопшто да ги инволвира соиграчите, кои не добиваат можност да се разиграат и да помогнат. Никој не го спори индивидуалниот квалитет на Димитријевиќ, кој е меѓу најдобрите бекови во Европа, но спорен е начинот на кој игра за клубот и за националниот тим.

Нено во репрезентацијата е солист кој сака дуели „еден на пет“ и кој ја користи секоја шанса да шутне, додека во солунскиот тим игра во систем на тренерот Спанулис, кај кого не може да игра сам како за Македонија. Доказ за тоа е во статистиката. Тој вечерва упати неверојатни 26 шута кон противничкиот кош, нешто на што би му позавидел дури и Петар Наумоски кога како еден од најдобрите во Европа играше заедно со „деца“ од домашното првенство. Тој погоди 10 удари со скромен вкупен процент од 38,5 отсто, што секако во голема мера го анулира вкупниот број поени, колку и да делува тој импресивно. А колку за споредба, Димитријевиќ на осум средби сезонава за Арис во Еврокупот шутна вкупно 27 пати, што е само еднаш повеќе од денешниот „шутерски тренинг“ против Кипар.

Далеку од тоа дека Нено е најголемиот виновник за поразот, зашто виновни се сите – од селекторот до тие што не играа. Ужасен беше и Мозес Рајт, но тој дојде од напорна серија мечеви и со повреда на раката, па прашање е дали постоеше барем некаква можност ова да се антиципира и на негово место да се повика друг натурализиран кошаркар, колку и да е тоа тешка задача со оглед на кусиот период од собирот до натпреварот.

Димитријевиќ конечно мора да сфати дека ако сака да игра со Македонија на ЕП 2029, како што самиот изјави во август, ќе мора да го намали егото, да ги прифати соиграчите како еднакви на себе и, најмногу од сѐ, да почне да игра одбрана. Да почне да игра акции, да влезе во систем во кој една од целите ќе биде и разигрување на соиграчите. Во спротивно, само ќе бележиме негови високи поентерски учинови, кои на крајот носат порази за жолто-црвените.

Ова треба да биде опомена за него, за селекторот и за сите во КФМ. Не е спорно дека тој е најдобар македонски кошаркар во моментов. Но, прашање е дали неговиот начин на играње е најдобар за репрезентацијата на Македонија. А најдобар коментар за тоа како нѐ гледаат противниците даде селекторот на Литванија, Римас Куртинаитис, по победата на неговиот состав во Скопје пред две години.

„Не се грижевме за бројките на Димитријевиќ, невозможно е сам да нѐ победи. Важно беше да ги запреме другите шутери и во тоа успеавме“, изјави тогаш легендата на литванската кошарка.

Кога селекторот на една (пот)просечна селекција како оваа на Кипар успеа лесно да нѐ прочита и да исфорсира Нено да го заболе рака од шутирање, тогаш можеме само да замислиме какви разочарувања би нѐ чекале ако евентуално и би се пласирале во квалификациите, а потоа и на ЕП 2029.