Реал е лидер, ама суперкомпјутерот го смета како дури петти фаворит за титулата во ЛШ
Според најновата пресметка на статистичкиот модел, шпанскиот тим е дури на петтото место на листата на кандидати за трофејот. Веројатноста Реал да ја освои Лигата на шампионите е проценета на 10,69 проценти, иако досега ги доби сите пет натпревари и има 15 бода.
Пред „кралскиот клуб“ се Арсенал со 18,60 проценти, Баерн Минхен со 16,29 проценти, Барселона со 12,58 проценти и актуелниот европски шампион Пари Сен Жермен со 12,37 проценти. Интересно е што истиот алгоритам предвидува дека Реал Мадрид ќе биде најуспешниот тим во лигашката фаза. На „кралевите“ им се дава дури 99,62 проценти шанси да завршат меѓу првите осум, а проектираниот број освоени бодови изнесува 20,57 – најмногу од сите учесници.

Сепак, статистичкиот модел очигледно прави разлика меѓу доминацијата во првата фаза и можноста да се стигне до самиот крај во елиминациските натпревари. Реал досега ги доби сите пет средби, вклучувајќи ги и пресвртите против Рома, АЕК и ПСВ, но тоа сè уште не го поставува на врвот на прогнозите. Во таборот на мадриѓаните, сепак, не се оптоваруваат со ваквите пресметки. Џуд Белингам по победата над ПСВ јасно стави до знаење дека предвидувањата не го интересираат.
„Не ми е грижа. Важно е да ги добиваме натпреварите и да го освоиме трофејот во мај. Можеби е дури и подобро да не сме фаворити и да одиме од заднина“, порача англискиот репрезентативец.
Реал Мадрид, кој со години е синоним за успех во ова натпреварување, повторно има можност да ги демантира статистичките прогнози. А доколку продолжи со победничката серија, суперкомпјутерот можеби наскоро ќе мора да ја промени својата проценка.