Македонската женска У19 репрезентација ѝ даде седум гола на Црна Гора

Женската репрезентација на Македонија до 19 години на најдобар можен начин го започна настапот во квалификациите за Европското првенство 2027 година. Избраничките на селекторот Кирил Изов славеа убедливо со 7-3 против Црна Гора во првото коло од Лига Б, група 3, на турнирот што се одржува во Стара Пазова, Србија.

Македонија имаше одлична офанзивна вечер, иако натпреварот не започна според посакуваното. Црна Гора поведе во петтата минута преку Јована Радовиќ, но одговорот пристигна само една минута подоцна, кога Настасја Накова ја затресе противничката мрежа за 1-1.

Во 29. минута Аника Петровиќ постигна автогол и Македонија поведе, а вистинскиот налет следуваше пред паузата. Меланија Грозданова двапати се запиша меѓу стрелците, во 40. и во 45+2. минута, па на одморот нашите фудбалерки заминаа со убедливи 4-1. Црногорките се обидоа да се вратат во игра преку Ангелина Дресај, која намали на 4-2 во 51. минута, но Македонија не дозволи да се загрози победата. Теона Галабовска реализираше пенал во 55. минута, а во 69. повторно погоди за 6-2. Јана Мердовиќ од пенал намали за Црна Гора, додека конечните 7-3 ги постави Меланија Цветковиќ во 83. минута.

Македонија имаше 41 процент од поседот на топката, но беше далеку поконкретна во нападот. Нашите репрезентативки упатија 17 удари, од кои 12 во рамките на голот, додека Црна Гора имаше девет обиди, шест во целта.

Македонија следниот натпревар го игра на 29 ноември против Азербејџан, со почеток во 11 часот, додека на 2 декември ќе се соочи со Србија во последното коло од групната фаза.