Мечот меѓу Шкендија (А) и Башкими е сомнителен за УЕФА – се уплаќало на големо во Германија!?

Натпреварот меѓу Шкендија Арачиново и Башкими, одигран во рамките на 14. коло од Првата македонска фудбалска лига, се најде во центарот на вниманието поради сомнежи за можни нерегуларности. Наводно, УЕФА има сомнежи поврзани со оваа средба, а како причина се наведуваат невообичаено големи уплати во Германија.

Дуелот се одигра на 20 ноември на стадионот Чаир, а Башкими си замина со целиот плен, славејќи минимална победа од 1-0. Одлуката падна во 64. минута, кога Адис Мурат ја затресе мрежата на домаќините.

Вниманието на надлежните било привлечено од обемот на уплатите поврзани со овој натпревар на германскиот пазар. Засега, меѓутоа, не се објавени конкретни податоци за висината на уплатите, ниту детали за тоа какви неправилности се предмет на сомнеж.

Неколку играчи од тимот на Шкендија од Арачиново се посочени како осомничени, но, нивните имиња засега нема да бидат објавени, бидејќи истрагата за случајот сè уште трае.За Башкими тоа беше втора победа на гостински терен оваа сезона, откако претходно го совлада Скопје, додека Шкендија Арачиново, која како домаќин не игра на својот стадион, туку на Чаир, е најслаб тим на домашен терен во Првата лига со само една победа на седум меча.