Некогаш беше еден од најдобрите голмани во светот, денес го презира фудбалот

Еден од најдобрите италијански голмани на својата генерација, Анџело Перуци, денес живее далеку од фудбалските терени и признава дека речиси целосно го изгубил интересот за спортот во кој помина две децении од својата кариера. Причината, според него, е едноставна – современиот фудбал сè повеќе го водат парите и телевизијата, а сè помалку вистинската страст.

Перуци, кој остави длабока трага во Јувентус и Лацио, а настапуваше и за Интер и Рома, во разговор за италијанските медиуми отворено зборуваше за промените во фудбалот. Поранешниот голман не крие дека веќе не ги следи натпреварите, па дури и не ја гледал последната средба на италијанската репрезентација.

„Сега со фудбалот владеат исклучиво парите и телевизијата. Не плукам во чинијата од која долго време јадев, но се прашувам што воопшто остана во неа. Страста, според она што го гледам, ја има многу малку“, порачува Перуци.

Неговиот однос кон фудбалот се променил уште по завршувањето на играчката кариера. Работеше во Италијанската фудбалска федерација, беше соработник на Марчело Липи во репрезентацијата, а потоа имаше ангажмани во Сампдорија и Лацио. Сепак, во 2021 година се повлече и од последната функција, бидејќи повеќе не уживал во фудбалот. Денес живее во Блера, во провинцијата Витербо, каде што му одговара мирниот живот далеку од рефлекторите. Иако не сака да се навраќа на минатото, токму овие денови има посебен повод за потсетување – се навршуваат 30 години од триумфот на Јувентус над Ривер Плата во Интерконтиненталниот куп во Токио, на 26 ноември 1996 година.

Перуци беше капитен на таа генерација, а Јувентус славеше со голот на Алесандро Дел Пјеро. Пет месеци претходно, голманот беше еден од главните херои и во финалето на Лигата на шампионите против Ајакс, кога одбрани два пеналa во пенал-серијата. И покрај големите успеси, Перуци открива дека никогаш повторно не ги гледал снимките од своите натпревари. За него, тоа се убави, но одамна завршени спомени. Сепак, има нешто што му недостига од фудбалските денови – завршните игри на тренинзите, кога играчите се натпреварувале без притисок и тактички калкулации, едноставно заради задоволството од играта.

Критички се осврна и на современите фудбалски трендови. Не му се допаѓа новиот формат на Лигата на шампионите со долга прва фаза, ниту проширувањето на Светското првенство на 48 репрезентации. Смета дека со таквите промени се губи дел од посебноста на натпреварувањата. Перуци, кој припаѓа на старата голманска школа, има забелешки и за еволуцијата на позицијата. Според него, голманот пред сè треба да биде сигурен со рацете, а не по секоја цена да учествува во играта со нозе и да презема ризици.

„На крајот, фудбалот е 11 против 11. Кога Барселона на Пеп Гвардиола ќе западнеше во проблеми, и тој велеше дајте ѝ ја топката на Меси. Модите поминуваат“, вели поранешниот чувар на мрежата.

Иако денес речиси и не го следи спортот, Перуци не ја изгубил наклонетоста кон неговата наједноставна форма. Токму малите натпревари по тренинзите, кога фудбалерите играле како деца на маалско игралиште, се она што најмногу му недостига од кариерата.