Седлоски си замина како најлош селектор во историјата - осум порази и едвај еден гол!

Гоце Седлоски веќе не е селектор на фудбалската репрезентација, а Македонија ќе го памети како најлошиот во историјата затоа што си заминува без победа со осум порази на десет натпревари и само еден постигнат гол

Во тие десет натпревари Македонија загуби од Данска и Турција по еднаш и по двапати од Швајцарија, Словенија и Шкотска, додека со Ирска и БиХ ремизиравме. Единствениот гол го постигнавме против Шкотска на гостински терен преку Елмин Растодер.

Помалку бодови (сметајќи ги и пријателските во кои не се освојуваат бодови) освоиле само Љубинко Друловиќ и Зоран Стратев, но Стратев на клупата остана само на две средби (како в.д селектор), а Друловиќ на пет, двојно помалку од Седлоски.

Ако ги подредиме сите селектори по процентот на освоени бодови, Седлоски заедно со Друловиќ е на дното со 6.7%, пред нив е Ѓоре Јовановски со 15.4%. По Јовановски, Друловиќ и Стратев, Седлоски е четвртиот наш предводник кој кормилото го напушта без ниту еден триумф.

Во десетте натпревари на Седлоски на клупата на Македонија нашата репрезентацијата упатила само 12 удари во рамките на противничкиот гол, додека противничките фудбалери кон голот на Димитриевски шутирале дури 68 пати.

Со Седлоски Македонија и за првпат во историјата остана без победа во цела календарска година. На крајот кога ќе се погледнат бројките и не може да се каже дека смената не беше очекувана.