Халанд во необичен судски спор – тужи електричар!

Ерлинг Халанд веќе три години е дел од необичен правен спор со полски електричар, кој уште во 2022 година го регистрирал презимето „Халанд“ како заштитен знак во Европската Унија. Случајот сега стигна и до Општиот суд на ЕУ во Луксембург, каде што ќе биде донесена конечната одлука.

Полјакот, кој работи во Норвешка, го заштитил името „Халанд“ за спортска облека, опрема, енергетски пијалаци и низа други производи. Проблемот се појавил една година подоцна, кога напаѓачот на Манчестер сити се обидел да го заштити сопственото презиме, но открил дека тоа веќе е регистрирано од друго лице.

Адвокатите на норвешкиот голгетер сметаат дека регистрацијата била направена со лоша намера, односно со цел да се заработи на името на еден од најпознатите фудбалери во светот. Од друга страна, електричарот ги отфрла обвинувањата и тврди дека воопшто не знаел за постоењето на Халанд, бидејќи не ја следи норвешката репрезентација, ниту странскиот фудбал.

Првата рунда од правната битка му припадна на фудбалерот. Канцеларијата на Европската Унија за интелектуална сопственост (EUIPO) ја поништи регистрацијата на Полјакот, оценувајќи дека е незамисливо тој да не знаел за норвешката фудбалска ѕвезда.

Сепак, Полјакот поднел жалба на одлуката, па конечниот збор ќе го има судот во Луксембург.

Ова не е прв ваков случај во фудбалскиот свет. Судот на ЕУ претходно ја одби регистрацијата на еден Португалец, кој тврдеше дека името „Нејмар“ го заштитил случајно. За разлика од него, Лионел Меси по долга правна битка успеа да добие право да го заштити своето презиме како бренд.