Голем талент на Барселона тешко настрада по судир со голман - мора на операција!

Деветнаесетгодишниот фудбалер за врска на Штутгарт, кој игра на позајмица во Барселона Б, Мирза Ќатовиќ, претрпе тешка повреда на левата нога поради која мора да биде подложен на оперативен зафат.

Каталонскиот клуб потврди дека дополнителните лекарски прегледи утврдиле скршеница на коската, придружена со повреда на структурата што ги поврзува коските на потколеницата над скочниот зглоб. Незгодата се случила уште во воведните минути од градскиот дерби-натпревар против Еспањол Б, по судир со противничкиот голман. Младиот фудбалер не можел да го продолжи мечот, а стадионот го напуштил со помош на патерици. Од Барселона соопштија дека Ќатовиќ ќе биде опериран денеска, по што клубот ќе објави нови информации за неговата состојба, додека периодот на рехабилитација засега останува непознат.

Станува збор за фудбалер роден во 2007 година во Србија, кој фудбалски се развиваше во Германија во редовите на Штутгарт. Ова лето тој премина во Барселона Б на позајмица до крајот на сезоната со опција за откуп, каде за кратко време се наметна како важен дел од средниот ред на вториот тим на Каталонците. На репрезентативен план настапуваше за младинските селекции на Германија – со репрезентацијата до 19 години летово стигна до финалето на Европското првенство, а во ноември доби повик и за селекцијата до 20 години, но не забележа настап.

Бидејќи сè уште нема заиграно за сениорски национален тим, тој има право да избере да настапува и за БиХ или Србија, чии фудбалски федерации внимателно го следат неговиот развој.