Ташовски: Кипар мора да падне во „Градски Парк“ и тоа - што е можно поубедливо!

Кошаркарската репрезентација на Македонија в четврток, во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во скопскиот Градски парк, ја пречекува селекцијата на Кипар (18 часот), во натпревар од 2. коло од вториот претквалификациски циклус за пласман на ЕП 2029 во кој победата е - императив.

Репрезентативецот Виктор Ташовски верува во квалитетот на македонскиот состав и јасно ја истакнува целта пред оваа средба – освојување на нови бодови пред домашната публика.

„Целта ни е да победиме. Сметам дека сме поквалитетна репрезентација од Кипар, но тоа треба да го докажеме. Се надевам на полна сала и да ја претставиме Македонија во најдобро светло“, вели Ташовски.

Претстојниот противник веќе покажа дека може да биде незгоден ривал, откако во првото коло на домашен терен во Никозија ја совлада Австрија (77-72). Иако тоа е доволна причина за претпазливост, амбициите во македонскиот табор остануваат непроменети.

„Се работи за добар тим. Имаат нова репрезентација, но не очекувам изненадување на овој натпревар во Скопје“, оценува Ташовски.

Македонија, пак, на отворањето на циклусот одигра убедливо на гости против Австрија (91-59), а со оглед на тоа што кошаркарите сега се во подобар натпреварувачки ритам и редовен тренажен процес, очекувањата се за уште поквалитетно издание.

„Сега сите сме во тренажен процес. Се надевам дека ќе бидеме комплетни и ќе извојуваме победа со што поголема разлика, на радост на македонската публика“, порачува Ташовски.

Билетите за натпреварот во салата „Лазар Лечиќ“ се веќе во продажба по симболична цена од 150 денари.