Баерн Минхен влегува во војна со Мусијала - мислат дека лаже(л) за повредата!

Во редовите на Баерн Минхен расте недовербата кон Џамал Мусијала (23) и неговите застапници, откако фудбалерот во август колабираше на теренот за време на подготвителниот натпревар против РБ Лајпциг.

Дел од клупските челници веруваат дека менаџментот на играчот крие клучни информации за неговата здравствена состојба и дека ситуацијата е посериозна отколку што им се прикажува. Според сознанијата на германскиот магазин „Штерн“, кој во изминатите недели го истражувал случајот и разговарал со луѓе блиски до баварскиот клуб, во Минхен се одвива судир меѓу управата и тимот на Мусијала. Еден од главните проблеми се однесува на лекарската грижа – Мусијала и неговите застапници самостојно одбрале двајца невролози кои се грижат за неговото здравје и чии услуги ги плаќаат од сопствени средства, додека со договорот е дефинирано дека Баерн нема право да бара преглед кај клупски невролог.

„Клубот не може да го подложи Мусијала на преглед кај сопствен, именуван невролог. Зависиме од информациите што ни ги даваат лекарите кои тој ги ангажирал. Сакаме да добиеме јасна слика, но не успеваме“, изјавил за „Штерн“ претставник на раководството на клубот.

Дополнителни сомнежи предизвикуваат и деталите од договорот што Мусијала го потпиша во февруари 2025 година. Неговиот тим тогаш испреговарал значително подолга исплата на плата во случај на болест од вообичаеното, како и невообичаено високи фиксни загарантирани износи. Бидејќи договорот бил потпишан пред дијагнозата да стане јавна, клупските челници сега со сомнеж гледаат на таа одредба и поради долгото отсуство на играчот ја преиспитуваат својата одлука од преговорите.

Во целиот случај е вклучен и почесниот претседател на Баерн, Ули Хенес, кој според извори блиски до клубот смета дека Мусијала и неговите застапници треба да покажат разбирање и да се откажат од дел од примањата.

„Ули е романтичар и искрено верува дека играчот и неговите застапници треба да се откажат од дел од платата како гест кон клубот. Смета дека тоа би било единствено праведно. Баерн го плаќа Мусијала како светска класа, а со месеци од таа инвестиција нема речиси никаква корист“, тврди изворот.

Во приватен разговор, Хенес наводно изјавил дека еден од нивните најплатени фудбалери во моментов им вреди „нула“. Пазарната вредност на Мусијала до неодамна беше проценета на 100 милиони евра, додека „Трансфермаркт“ во моментов го проценува на 80 милиони евра.