Младите Шпанци дадоа 15 гола на натпревар од Светско првенство!

Младата фудбалска репрезентација на Шпанија до 17 години забележа убедлива победа од 15-0 против Фиџи во второто коло од групната фаза на Светското првенство во Катар, со што го израмни сопствениот рекорд по бројот на постигнати голови на еден натпревар.

Селекторот Давид Кубиљо направи неколку промени во составот и им даде шанса на фудбалерите кои сè уште немаа настап на шампионатот. Во споредба со победата над Кина во првото коло, во стартната постава останаа само тројца играчи. Сепак, разликата во квалитетот беше очигледна уште од самиот почеток.

Рафа Круз, крилниот напаѓач на Лас Палмас, го отвори резултатот уште во петтата минута, а погодокот му го посвети на повредениот соиграч Кристијан Имга. Фудбалерите од клупата го зедоа неговиот дрес и заедно го прославија голот. Круз доби шанса во тимот токму поради повредата на Имга, а натпреварот го заврши со дури пет постигнати погодоци.

Шпанците на паузата заминаа со предност од 9-0. Роберто Томас и Гиљермо Трухиљано постигнаа по три гола, двапати се запиша стоперот Хорхе Домингез, додека по еден погодок постигнаа Марко Компани од Реал Мадрид и Јеремаја, фудбалер од младинската школа на мадридскиот клуб, кој се врати на терените по повеќе од еден месец пауза.