Почина легендарниот романски напаѓач – двоен освојувач „Златната копачка“

Фудбалскиот свет е завиен во црно по веста за смртта на Дуду Георгеску, легендарниот романски напаѓач и еден од најголемите голгетери во историјата на романскиот фудбал. Поранешниот ас на Динамо Букурешт почина на 76-годишна возраст во Канада, каде што живееше во последните години.

Георгеску остави неизбришлива трага во европскиот фудбал, а неговото име засекогаш ќе остане поврзано со две освојувања на престижната „Златна копачка“ за најдобар стрелец во Европа. Тој признанието го доби во 1975 и 1977 година, а особено импресивно беше неговото второ достигнување, кога постигна неверојатни 47 првенствени голови во една сезона.

Романскиот голгетер и денес го држи рекордот по бројот на постигнати голови во најсилната романска лига – 252 погодоци на 371 натпревар. Четири сезони по ред, од 1975 до 1978 година, беше најдобар стрелец на романското првенство. Најголемиот дел од својата кариера го помина во Динамо Букурешт, каде што настапуваше од 1973 до 1983 година. За десетте сезони во дресот на клубот постигна 207 голови на 260 првенствени натпревари, освојувајќи четири шампионски титули и еден национален куп.

Неговите индивидуални достигнувања беа препознаени и на европско ниво. Во изборот за „Златната топка“ во 1975 година заврши на десеттото место, а две години подоцна беше деветти, што дополнително говори за неговата големина во тогашниот фудбал.

За романската репрезентација одигра 40 натпревари и постигна 21 гол. Беше дел од националниот состав на Европското првенство во 1984 година, а по завршувањето на играчката кариера продолжи да работи како тренер, меѓу другото и во Зимбру Кишињев.