Вардар тоне ли тоне: уште еден катастрофален пораз од Тиквеш! (ФОТО)
Поразот е втор во последните три кола во домашното првенство, втор во низа на домашен терен, а неодамна Вардар исто така загуби од Тиквеш, во Купот, но подоцна административно го доби тој натпревар поради неправилен настап на еден противнички фудбалер.
Кавадарчани денеска приредија големо изненадување во Скопје и освоија три бода со кои се искачија на втората позиција на табелата, а се оддалечија и од Вардар кого го очекува жестока борба за врвот.

Тиквеш уште во првото полувреме покажа дека дошол во Скопје по цел плен. Во 15. минута Ренатињо ја искористи лошата поставеност на одбраната на домаќините, се најде во одлична позиција и со силен удар од далечина го совлада Талески за водство од 0-1. Вардар се надеваше дека погодокот ќе биде поништен поради офсајд, но по проверката со ВАР беше потврден.
Домашниот состав се обиде да одговори преку Бабунски, Николов и Пиреш, но нивните обиди не донесоа посакуван резултат. Наместо израмнување, следуваше нова казна. Во 41. минута Лусианињо доби простор на десната страна и со прецизен удар ја испрати топката во мрежата за 0-2.
И овојпат ВАР ја проверуваше ситуацијата поради сомнеж за офсајд, но погодокот беше признат.

Свесен дека неговиот тим мора да преземе поголем ризик, тренерот на Вардар направи две промени на полувремето. Во игра влегоа Данев и Маневски, а домаќините се обидоа да наметнат поофанзивен ритам.
Вардар ја имаше најдобрата можност да се врати во натпреварот во 58. минута. Азер Омерагиќ двапати се најде во изгледна позиција за погодок, но Стевковски со одлични интервенции го спречи намалувањето на резултатот.

Само пет минути подоцна пристигна и конечниот удар. Теодор Николовски ја искористи дупката во одбраната на Вардар, побегна од своите чувари и без проблеми реализираше за убедливи 0-3. За младиот фудбалер ова беше и првиот погодок во тековната сезона.

До крајот на средбата Вардар се обидуваше да стигне барем до почесен гол, но Тиквеш успешно ги затвори сите приоди кон својот гол. Кавадарчани така го приредија едно од најголемите изненадувања во ова коло и се искачија на второто место на табелата.
Вардар, пак, има многу причини за загриженост, бидејќи наместо да ја потврди шампионската амбиција, повторно загуби важни бодови.

Во следното коло Вардар ќе бара излез од кризата на гостувањето кај Арсими, додека Тиквеш го очекува нов сериозен испит против Шкендија.

