Дебар Маало има нов бисер: Марко Стефановски од Работнички чука на портите на младата репрезентација!
Најновиот доказ за тоа е 19-годишниот офанзивец Марко Стефановски, кој со неколкуте добри партии во последно време, испраќа јасна порака дека е подготвен за повик во младинската репрезентација на Македонија.
Од младинските терени до големата сцена
Добрите игри не се случајност, туку логичен след на еден правилен, континуиран и посветен фудбалски развој. Поминувајќи ги сите скалила во школата на „романтичарите“, Стефановски уште од јули 2024 година се наметна како еден од главните носители на играта во У-19 тимот на Работнички. Неговите настапи во домашното првенство, но и на меѓународната сцена во рамки на УЕФА младинската лига, веднаш го свртеа вниманието на стручниот штаб на сениорскиот тим.
Талентот не можеше да остане незабележан, па уште во сезоната 2024/25 Стефановски ги доби првите приклучувања кон сениорите, за од јануари 2026 година и официјално да стане полноправен член на првиот тим на Работнички, задолжувајќи го дресот со број 17. Денес, тој е дел од сениорскиот фудбал, каде рамо до рамо со поискусните соиграчи го кали својот талент и ја користи секоја укажана шанса за да ја тресе противничката мрежа.
Модерен профил на офанзивец
Она што го издвојува Марко Стефановски на теренот е неговата исклучителна офанзивна разноврсност и модерен пристап кон играта. Со висина од 1,77 метри, ниско тежиште и експлозивност, неговата природна позиција е десното крило, од каде со леснотија создава вишок и претставува постојана опасност за противничките одбрани. Сепак, неговата фудбалска интелигенција и чувство за гол – му овозможуваат подеднакво добро да одговори на задачите и како класичен напаѓач, но и како офанзивен играч за врска. Токму таа тактичка флексибилност го прави „златен џокер“ за секој тренер.
Докажан во националниот дрес, подготвен за чекор напред
За Стефановски, носењето на дресот со државниот грб не е непознаница, туку обврска и гордост. Како поранешен член на селекцијата на Македонија до 18 години, тој веќе покажа дека знае како да се носи со притисокот на меѓународните натпревари и дека поседува победнички менталитет.
Денес, како 19-годишник кој веќе има сениорско искуство и постигнува голови за еден од најреномираните македонски клубови, Стефановски влегува во најзрелата фаза од својот младински развој. Со својата работна етика, глад за голови и неспорен офанзивен квалитет, тој не е само иднината на Работнички – туку и играч кој со право заслужува да се најде во тефтерот на селекторот и да добие шанса повторно да ги брани боите на Македонија на следното репрезентативно ниво.