Флорентино Перез пак удри против сите: Ла Лига, Барса, Негреира, опозицијата...
Денешното собрание во Валдебебас помина во знакот на неговите остри пораки, кој јасно стави до знаење дека нема намера да се повлече од борбата за целосно расветлување на случајот „Негреира“. Според него, станува збор за проблем што не го засега само Реал Мадрид, туку целиот шпански и европски фудбал.
„Не ми припаѓа мене да судам за никого. Тоа ќе го направат судовите и УЕФА. Но, како претседател на Реал Мадрид, моја обврска е да барам до крај да се истражат фактите кои директно влијаат врз кредибилитетот на нашето натпреварување. Ви кажувам сосема јасно – нема да застанам додека не се утврдат сите одговорности“, порача Перез.
Најголемиот дел од неговиот говор беше посветен на Барселона и плаќањата кон поранешниот потпретседател на Судиската комисија, Хозе Марија Енрикес Негреира. Перез потсети дека, според досегашните информации, во период од речиси две децении биле исплатени повеќе од осум милиони евра на човек кој имал важна позиција во судиската структура на шпанскиот фудбал.
Особено остро реагираше на односот на Ла Лига и Шпанската фудбалска федерација, обвинувајќи ги дека не презеле доволно мерки за целосно истражување на случајот. Реал Мадрид, според него, бил принуден сам да собира документација и да поднесе пријава до УЕФА.
„Тешко е да се разбере зошто, кога ова е проблем за сите, Реал Мадрид е единствениот кој сака случајот целосно да се истражи“, беше една од неговите најостри пораки.
Перез потоа директно се сврте кон претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас. Повод беше споредбата што Тебас претходно ја направи меѓу комуникацијата на Реал Мадрид и пропагандните методи на Јозеф Гебелс, министерот за пропаганда во нацистичка Германија.
„Недостојно е што господинот Тебас сè уште не поднел оставка. И што претседателот на Шпанската фудбалска федерација не го повикал да се повлече од функцијата потпретседател“, порача претседателот на Реал Мадрид.
Тој откри и дека клубот го пријавил Тебас пред Врховниот совет за спорт поради неговите изјави. Но, Перез не застана тука. Дел од говорот беше посветен и на внатрешните случувања во Реал Мадрид, особено на претседателските избори од мај годинава. Тој ги критикуваше обидите да се создаде впечаток дека клубот е поделен и дека членовите ја изгубиле довербата во актуелното раководство. Според него, изборите јасно покажале каков проект сакаат членовите и никој нема да може да ја промени нивната одлука преку медиумски приказни и, како што ги нарече, лажни информации.
Посебно внимание привлече и неговата порака во врска со иднината на сопственичката структура на клубот. Перез категорично ги отфрли шпекулациите за продажба на Реал Мадрид.
„Реал Мадрид не се продава, никогаш не била разгледувана неговата продажба и никогаш нема да биде продаден“, дециден беше претседателот.
Тој најави и промени со кои сака дополнително да се заштити моделот во кој членовите се сопственици на клубот, нагласувајќи дека иднината на Реал мора да остане во нивни раце.