По Фергусон, Јунајтед платил над 100 милиони фунти само за отштети и „купување“ менаџери
За гигант како Јунајтед и периодот кој е поминат, оваа сума можеби и не е толку голема, но сепак се работи за ставка која не е основна бидејќи клубовите ретко купуваат менаџери и најчесто се одлучуваат за слободните во дадениот момент. Најинтересниот податок е дека сметката би можела да биде и значително повисока. Според информациите објавени во финансискиот извештај на клубот, досегашните трошоци за ангажирање и отпуштање тренери достигнале 95 милиони фунти. Кога ќе се додадат сите трошоци поврзани со новиот стручен штаб и разделбата со Мајкл Карик, сумата ја надминува границата од 100 милиони фунти.
Промената на менаџерската позиција повторно го стави Јунајтед во центарот на вниманието. Маурисио Покетино беше назначен на 13 ноември со договор на две и пол години, а за неговото ослободување од обврските кон американската репрезентација клубот треба да плати 7,5 милиони фунти.
Дополнителен трошок претставува и заминувањето на Карик, кој доби отказ иако летово потпиша двегодишен договор. Неговиот ангажман претходно започна како привремено решение, по успешниот шестмесечен период во кој ја водеше екипата. Меѓу тренерите кои оставиле најголема финансиска трага е Жозе Мурињо. Неговото заминување во 2018 година го чинело клубот 19,6 милиони фунти. Висока била и цената за разделбата со Рубен Аморим, додека отказот на Ерик тен Хаг и неговиот стручен штаб чинел околу 10,4 милиони фунти.
Но, тренерските промени не се единствениот финансиски проблем на „црвените ѓаволи“. Во извештајот се наведува дека клубот има 417 милиони фунти неплатени трансферни обврски, од кои 181 милион треба да биде исплатен во период подолг од една година. Вкупниот долг на клубот на 30 септември изнесувал 577,4 милиони фунти.
Од заминувањето на Фергусон во 2013 година, Манчестер Јунајтед постојано бара решение за враќање на старите славни денови, но честите тренерски промени досега не ја донесоа посакуваната стабилност. Последните три години, клубот постојано менуваше менаџери на средина од сезоната.