Ерата на Покетино почна со скандал – со дрон му го шпиунираа првиот тренинг!

Ерата на Маурисио Покетино на клупата на Манчестер Јунајтед започна со необична, но и загрижувачка ситуација во тренинг-центарот на клубот во Карингтон.

Само неколку часа по првиот тренинг на аргентинскиот стратег, кој во средата официјално ги презеде „црвените ѓаволи“, речиси 15 минути од сесијата протекоа на интернет преку видео објавено на платформата Јутјуб. Снимката е дело на локален аматер, кој редовно користи дрон за да снима интересни настани во околината на Манчестер. На видеото се гледа дел од играта „во квадрат“, посебната вежба на десетмина фудбалери под водство на Покетино на еден од терените во базата, како и индивидуални вежби за играчите кои последни се вратија од обврските со своите национални селекции.

„Ова е слободен воздушен простор и не прекршив никакви правила. Покрај тоа, ги снимав само првите половина час од тренингот, а таму веќе имаше и голем број претставници на медиумите. Не сметам дека направив нешто погрешно“, напиша авторот во описот под видеото.

Во првите реакции на оваа тема, англиските медиуми оценуваат дека снимката не открива никакви доверливи тактички детали од подготовките на Јунајтед за дебито на Покетино, кое е закажано за в недела во големото дерби против Ливерпул. Сепак, случајот отвора сериозно безбедносно прашање за раководството на клубот – доколку аматер со дрон без никаков проблем може да сними тренинг во Карингтон, истото лесно би можеле да го сторат и конкурентските клубови.