МЗТ Скопје ангажира тренерски тандем од Србија – ќе дебитира за две недели во АБА2!
Популарните „металци“ добиваат нов тренерски тандем, со оглед на тоа што заедно со Мијатовиќ во „Јане Сандански“ пристигнува и неговиот помошник, Иван Дробњак. Тие седнуваат на клупата на местото на Васко Атанасов, со кого управата на сино-белите ја прекина соработката пред неколку недели.
Стручњакот роден во Чачак во Скопје доаѓа со сериозно педигре и долгогодишно искуство во регионалната и европската кошарка. Неговиот последен ангажман беше на клупата на матичниот Борац Чачак, кого го предводеше во АБА-лигата од 2022 до 2024 година, кога во една од сезоните успешно ја доби битката за опстанок токму со тимот од Аеродром. Претходно како главен тренер работеше и во првиот мандат во Борац (2000–2002), како и во Ловќен, ОКК Београд и полскиот прволигаш Баскет Познањ.
Мијатовиќ има богато искуство и како дел од стручните штабови на повеќе европски и регионални гиганти. Со ФМП Железник во 2003 година го освои Купот „Радивој Кораќ“, успех што подоцна го повтори и со белградски Партизан. Работеше и во Хемофарм, во германска Алба Берлин заедно со Лука Павичевиќ, а беше ангажиран и во младинските категории на Олденбург. Големи успеси бележи и на репрезентативен план – во 2006 година како помошник стигна до европското злато со У20-селекцијата на Србија и Црна Гора, а веќе во 2007 година како селектор ја предводеше јуниорската репрезентација на Србија до шампионската титула на ЕП во Шпанија.
Неговото деби на клупата се очекува на почетокот од следниот месец на средбата од АБА2 против Триглав Крањ.