Четвртфинале за Рустемовски на младинското ЕП

Aлен Рустемовски се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство до 23 години откако денеска во Пореч го совлада Јакуб, Палка од Полска.

Рустемовски уште од самиот почеток покажа дека е подготвен за победа, ја презеде иницијативата и го контролираше текот на борбата. Целосната доминација ја круниса во третата рунда, кога двапати го испрати противникот на подот.

По второто броење, на една минута пред крајот на рундата, судијата одлучи да ја прекине борбата, со што победата му припадна на македонскиот боксер.

Денеска во рингот се појави и неговиот брат Адријан Рустемовски, кој, за жал, не успеа да се пласира во следната рунда. Тој беше поразен од Молдавецот Максиум Телепиз со резултат 1:4.