Солзи по ремито со Шведска: Толку беше од Левандовски!? (ВИДЕО)
Полска не успеа да ја заврши сезоната со посакуваниот резултат, па со поделбата на бодовите го освои третото место во групата од Б-лигата. Сепак, спортскиот неуспех брзо падна во втор план по емотивните сцени со капитенот на домашната селекција.
Левандовски во игра влезе во 66. минута, а по последниот судиски свиреж остана на теренот за да им се посвети на навивачите и да потпишува автограми. Особено внимание привлече моментот кога една навивачка побара фотографија со него, а напаѓачот ја заштити од обезбедувањето и ѝ го подари својот дрес. Освен тоа, направи круг околу теренот, им аплаудираше на навивачите и на крајот симболично ја предаде капитенската лента на свој соиграч.
Иако ретко ги покажува емоциите во јавноста, овојпат Левандовски не можеше да ги сокрие солзите. Тоа дополнително ги засили шпекулациите дека можеби размислува да се повлече од националниот тим. Полскиот голгетер, кој за репрезентацијата настапува уште од 2008 година, претходно беше прашан дали размислува за последниот танц во националниот дрес, но тогаш не даде конкретен одговор. Во август следната година ќе наполни 39 години, па неизвесноста околу неговата иднина е сè поголема.
Левандовски е апсолутен рекордер на Полска со 172 настапи и 92 постигнати гола, а во 104 натпревари ја носел капитенската лента. Следното репрезентативно собирање е во март, кога ќе стане појасно дали легендарниот напаѓач ќе продолжи да го предводи националниот тим или емотивната вечер во Вроцлав навистина била најава за неговото збогување.