Најтрофејниот тенисер во историјата откри дека има канцер

Една од најголемите легенди во историјата на тенисот, Џими Конорс откри дека се соочува со сериозен здравствен проблем. Американецот соопшти дека му бил дијагностициран канцер на кожата на увото и дека веќе шест недели е во процес на лекување и закрепнување.

Поранешниот светски рекет број еден за својата здравствена состојба проговори во подкастот „Advantage Connors“, кој го води заедно со својот син Брет. Притоа покажа дека увото му е сè уште преврзано, објаснувајќи дека лекарите работат на неговото реконструирање по медицинските интервенции.

„Закрепнувањето е во тек. Поминаа шест недели откако имав рак на увото. Користете крема за заштита од сонце. Направете си услуга и не поминувајте низ ова што го поминувам јас. Ми го реконструираат увото, но сè оди во вистинска насока. Следната недела ме очекува уште една операција“, откри Конорс.

Американецот не го прецизираше точниот тип на карцином, но искористи дел од разговорот за да испрати важна порака за заштитата од сончевите зраци. Според неговите зборови, лекарскиот тим добро се грижи за него, а досегашниот тек на закрепнувањето му дава причина за оптимизам.

Конорс е едно од најголемите имиња во светскиот тенис. Во професионалната кариера, која траеше од 1972 до 1996 година, освои осум грен-слем титули во поединечна конкуренција и рекордни 109 трофеи на АТП турнирите. На врвот на светската ранг-листа помина вкупно 268 недели, а дури пет пати ја заврши сезоната како најдобар тенисер во светот. Освои пет титули на Отвореното првенство на САД, две на Вимблдон и една на Австралија опен.

По завршувањето на играчката кариера остана поврзан со тенисот, меѓу другото и како тренер на Енди Родик, а подоцна кратко соработуваше и со Марија Шарапова.