Пике застана во одбрана на голманот виновен за смртта на фудбалерот на Тенерифе!
Легендата смета дека чуварот на мрежата не е директен виновник за трагичниот исход и дека федерацијата донела престрога одлука базирана на емоции. Трагичниот инцидент се случи на 2 ноември, во судиското надополнување од натпреварот од 12-тото коло во Сегунда меѓу Тенерифе и Андора (2-2). Овоно (25) истрча далеку надвор од својот казнен простор со цел да ја расчисти топката, при што силно го удри 30-годишниот Де Мигел во пределот на градите. Напаѓачот доживеа срцев удар на самиот терен, а следниот ден трагично им подлегна на повредите во болница. Дисциплинската комисија при Шпанската фудбалска федерација експресно реагираше и го казни голманот на репрезентацијата на Екваторијална Гвинеја со максимална казна од 12 натпревари неиграње.
Преку видео-обраќање објавено на социјалните мрежи, Пике застана во одбрана на својот фудбалер, тврдејќи дека голем дел од фудбалската фела овој судир го смета за несреќен случај, споредувајќи го со дуелот меѓу Виктор Валдес и Дидие Дрогба од 2012 година.
„Казната за Овоно мора да биде за постапката, а не за последиците. Искрено верувам дека максималната казна го става Хесус во ситуација која не ја заслужува, бидејќи тој не е виновен за сè што се случи. Моето прашање е што точно се казнува, постапката или последиците?“, изјави Пике.
Поранешниот дефанзивец на Барселона, кој го купи клубот Андора во 2018 година преку својата компанија „Космос Холдинг“, нагласи дека психолошкиот товар врз младиот голман е огромен по оваа трагедија.
„На Хесус ќе му треба многу повеќе од 12 натпревари за да биде ментално подготвен повторно да се натпреварува. За жал, никаква казна нема да ни го врати Де Мигел“, заклучи Пике.