Шок во Аргентина: Меси ќе ја тужи федерацијата!

Аргентинската ѕвезда размислува за правни чекори против челниците на федерацијата, а односите со претседателот Клаудио Тапија сериозно се нарушени.

Според информациите на аргентинскиот весник „Кларин“, дошло до сериозно заладување на односите меѓу долгогодишниот капитен на Аргентина и раководството на Фудбалскиот сојуз. Осумкратниот освојувач на „Златната топка“ сака да се дистанцира од претседателот Тапија, кој се соочува со обвинувања за финансиски злоупотреби.

Главната причина за незадоволството на Меси е судирот на интереси со неговите спонзори. За време на минатото Светско првенство, федерацијата го користела неговиот лик во рекламна кампања за локален бренд на пиво, што предизвикало проблеми со американскиот бренд „Микелоб“, со кој аргентинскиот ас има ексклузивен договор.

Меси и неговото семејство наводно биле принудени повеќепати да им ги објаснуваат деловните потези на федерацијата на своите партнери, иако немале никаква контрола врз одлуките на федерацијата.

Дополнително, фудбалерот сака да го заштити својот углед во период кога претседателот Тапија и благајникот Пабло Товиџино се предмет на истраги поради сомневања за прикривање на финансиски текови преку странски компании.