Кошаркар на Работнички добил заканувачки пораки на автомобилот и на Фејсбук?!
Неофицијално, според информацијата од полицијата, станува збор за репрезентативниот бек, Кристијан Николов, кој сега настапува во дресот на Работнички, а во минатото неколку сезони беше член на МЗТ Скопје.
„Синоќа во 21:15 часот во СВР Скопје, К.Н.(30) од Скопје пријавил дека на неговото патничко возило, кое било паркирано во подземна гаража од зграда на подрачјето на општина Аеродром, пронашол ливче со заканувачка порака, се наведува во полицискиот билтен. Тој и претходниот месец на социјална мрежа, исто така, добил порака со заканувачка содржина во однос на кошаркарскиот клуб во кој сега настапува. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во известувањето од МВР.
Николов е најмлад македонски репрезентативец во историјата, откако со 15 години, осум месеци и девет дена настапи во дресот на Македонија на средба против Русија во 2012 година. Натпреварот помеѓу големите скопски ривали се игра вечерва во салата „Јане Санднаски“ со почеток од 19 часот.