Алиоски: Кога почнавме да играме фудбал се врати и вистинската Македонија!
Иако „црвено-жолтите“ конечно ја прекинаа лошата традиција и по пауза од повеќе од една година успеаја да ја затресат противничката мрежа, сепак останаа без бодови откако домаќинот стигна до победата благодарение на пенал кој беше досуден дури по реакција и интервенција на ВАР-собата. Еден од најзабележителните поединци во македонскиот состав беше Џани Алиоски, кој иако не тренираше максимално поради полесна повреда, сепак, стегна заби и одигра исклучително одличен натпревар. Тој уште еднаш ја покажа својата препознатлива пожртвуваност и физичка подготвеност, водејќи борбена и енергична битка по левата аут-линија, со што потврди дека останува еден од вистинските лидери на теренот.
По завршувањето на средбата, левиот бек не го криеше жалењето за конечниот исход, но потенцираше дека екипата покажала огромен напредок и карактер кој влева надеж пред последниот предизвик.
„Ова беше попозитивен меч од првиот, се гледа дека научивме од натпреварите кои ги имавме зад нас и се гледа дека може да направиме многу. Ако сакаме да играме фудбал, имаме квалитет. Имаше многу агресивни дуели, доста трчавме и бевме супер на теренот. Дадовме и гол, создадовме шанси. За ВАР-снимката не би можел да коментирам, треба да ја видам. Жално ми е што го загубивме мечот, имавме шанси да се вратиме, но таков е фудбалот. Позитивното нешто е што покажавме дека не се откажуваме. Кога почнавме да играме фудбал, видовме дека се врати и Македонија. Во последниот меч не смееме да се плашиме, треба да го одиграме нашиот фудбал и да ги освоиме трите бода дома“, изјави Алиоски.
Жолто-црвените последниот дуел од Лигата на нации ќе го одиграат в понеделник против Словенија (20.45 часот) на арената „Тодор Проески“ во Скопје.