Голем пресврт во квалификациите на надежите - Ристиќ ја урна Унгарија со хет-трик!

Фудбалската репрезентација на Македонија до 17 години славеше победа од 2-3 против Унгарија на стартот од првата квалификациска рунда за Европското првенство, а херојот беше Стефан Ристиќ кој ги постигна сите три гола.

Унгарците на натпреварот кој се играше во Трабзон поведоа уште во осмата минута и тоа беше единствениот гол во првиот дел.  По само три минути игра во второто полувреме, Унгарија стигна и до втор гол.

Ристиќ својот прв гол на средбата го постигна во 55-тата минута, додека за израмнување се погрижи во 86. минута. Кога изгледаше дека натпреварот ќе заврши без победник, Ристиќ во четвртата минута од судиското продолжение комплетираше хет-трик за голем триумф.

Со оваа победа избраниците на селекторот Иљами Исејни сега имаат голема шанса за пласман во втората квалификациска рунда – Лига А за пласман на контиенталниот собир.

Вториот натпревар го играме за три дена против Сан Марино, додека на 17-ти новември ќе се соочиме со Турција. Двете први репрезентации од групата обезбедуваат место во втората квалификациска рунда – Лига А.