Чурлинов: Шкотска има ѕвезди, но и ние ги имаме Елмас, Барди и Димитриевски!

Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија ги продолжува подготовките пред последните два натпревари од групната фаза во Лигата на нациите, каде избраниците на селекторот Гоце Седлоски ќе се соочат со селекциите на Шкотска (13.11) и Словенија (16.11).

Повратникот во националниот тим, Дарко Чурлинов, пред денешниот тренинг изрази голем оптимизам за претстојните предизвици, потенцирајќи дека за него секогаш претставува огромна чест да го носи државниот дрес.

„Секогаш ми било чест да играм за овој дрес и секогаш ќе давам максимум. Се надеваме на најдоброто. Нормално дека ќе анализираме и ќе се обидеме сето она што тренерот ќе ни го каже да го пренесеме на теренот“, истакна Чурлинов.

Македонската селекција прво в петок ќе гостува во Глазгов кај фаворизираната репрезентација на Шкотска, додека три дена подоцна на домашен терен ќе ја пречека Словенија за затворање на овој репрезентативен циклус.

„„Минутажата во клубот е многу битна и таа енергија се пренесува и овде. Добро е што сите играме во своите клубови, што имаме минутажа, и верувам дека тоа ќе има позитивно влијание на овие два натпревари“, додаде македонскиот репрезентативец.

Чурлинов верува дека Македонија има квалитет да се надигрува со секој противник, без разлика на имињата и индивидуалниот потенцијал на противникот.

„Шкотска ги има Мектоминеј, Гилмор, Робертсон, но ние ги имаме Елмас, Барди и Столе Димитриевски. Денес нема репрезентација што не може да се победи, така што тоа треба да го покажеме на теренот“, порача Чурлинов.