Ериксон трошел милиони на фудбал и жени, па по смртта оставил - огромен долг!
Според информациите на „Сан“, британската Даночна и царинска управа (ХМРЦ) побарува 3,4 милиони фунти, за подмирување на наводни долгови. Прославениот стратег почина пред две години од последици на рак на панкреасот, а главниот проблем во моментов лежи во фактот што во неговиот имот нема доволно средства за исплата на бараниот износ.
Адвокатот на славниот шведски тренер, Андерс Рунебјер, откри дека на Ериксон му преостанале околу 1,2 милиони евра на Кајманските Острови и 360 илјади евра во банка во Обединетото Кралство. Објаснувајќи ја финансиската состојба на својот клиент, правниот застапник истакна дека Ериксон заработувал милиони, но секогаш бил премногу зафатен со фудбалот и жените за да може посериозно да се занимава со своите пари. Во одговорот кон даночната управа, адвокатот им порачал дека тој лично не може да дојде до парите на Кајманските Острови ниту до средствата на британската сметка, додавајќи дека тие слободно можат да ги запленат доколку се во можност. Откако од управата добил одговор дека тоа правно не е возможно, Рунебјер децидно им возвратил дека повеќе нема ништо и дека затоа нема да ги добијат своите пари.
Финансиските проблеми на Ериксон во најголем дел произлегуваат од лоши инвестиции и спорен даночен аранжман кој датира уште од 2006 година. Додека сè уште беше селектор на Англија, тој вложил еден милион фунти во проект поврзан со британската филмска индустрија, но даночната управа дополнително ги оспорила даночните олеснувања кои биле дел од тој договор. Дополнителен финансиски удар претрпел поради довербата во советникот Самир Кан, поради чии лоши вложувања изгубил милиони фунти. По смртта на Ериксон било откриено дека тој зад себе оставил дури 7,25 милиони фунти долг кон британската даночна управа, додека неговите вкупни долгови изнесувале околу 8,64 милиони фунти.