Драма во Москва: Олимписка шампионка се бори за живот по страотен пожар во станот!

Руската олимписка шампионка во уметничко пливање, Марија Шурочкина, е тешко повредена по пожарот кој избувнал во нејзиниот стан во Москва.

Прославената спортистка се здобила со сериозни изгореници, а нејзината здравствена состојба се опишува како исклучително тешка. Првичните информации укажуваат дека несреќата се случила при користење на биокамин. Се претпоставува дека огнот пламнал во моментот кога Шурочкина дополнувала гориво, по што нејзината облека веднаш се запалила. Иако се здобила со тешки повреди, таа успеала самата да го изгасне огнот и да го напушти станот. Поради огромните болки започнала да довикува помош, по што нејзините крици набрзо ги слушнале соседите кои веднаш реагирале на ситуацијата.

По страотниот инцидент, шампионката била итно пренесена во Институтот за ургентна медицина во Москва каде е задржана на натамошно болничко лекување. Руските медиуми пренесуваат дека Шурочкина претрпела изгореници на повеќе од 30 отсто од површината на телото, при што повредите ги зафатиле рацете, градниот кош, вратот, стомакот и лицето. Поединечни извори наведуваат дека дошло до драстично влошување на нејзината здравствена состојба по приемот во болницата и дека лекарите во моментов се борат за нејзиниот живот, иако овие информации засега не се потврдени со официјално медицинско соопштение.

Шурочкина важи за една од најуспешните руски претставнички во историјата на уметничкото пливање. Во текот на нејзината долгогодишна кариера таа беше незаменлив дел од репрезентацијата која со години доминираше на најголемите меѓународни натпреварувања. Своите најголеми спортски успеси ги оствари на Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 и Токио во 2020 година, каде освои две златни медали. Покрај олимписките одличја, нејзината импозантна колекција вклучува дури 11 златни медали од светските првенства, како и шест титули европска шампионка.