Ѕвездата од 100 милиони го допре дното - запали дрес на Арсенал во пренос во живо (ВИДЕО)
Триесетгодишниот англиски фудбалер, кој веќе повеќе од една година е без клуб, го искористи своето редовно вклучување во живо за да го уништи дресот на најголемиот ривал на неговиот поранешен клуб Тотнем. Овој бизарен потег предизвика лавина од реакции во Англија, при што голем дел од јавноста е во шок и апелира за итна стручна помош за фудбалерот пред неговата состојба дополнително да ескалира, иако очекувано, овој чин наиде на големо одобрување кај најверните навивачи на Тотнем.
Некогаш проценет на 100 милиони евра и сметан за еден од најдобрите фудбалери во Премиер лигата, Деле Али доживеа вртоглав пад во својата кариера поради сериозни проблеми во приватниот живот кои го оддалечија од професионалниот фокус. Во своите најдобри денови тој брилјираше во дресот на Тотнем, каде заедно со Хари Кејн и Хеунг-мин Сон формираше исклучително моќно офанзивно трио. Откако неговата кариера тргна во надолна линија, тој безуспешно се обидуваше да се врати на големата сцена преку настапите за Бешикташ, Евертон и италијански Комо. Неговиот последен ангажман заврши неславно минатото лето, кога по само еден одигран натпревар во дресот на Комо, договорот му беше предвреме раскинат.
Пред овој неславен крај и комплетното исчезнување од сериозната фудбалска мапа, Деле Али остави длабока трага во екипата на Тотнем, за која одигра вкупно 269 натпревари, постигнувајќи 67 погодоци и 59 асистенции.Дресот на англиската фудбалска репрезентација го носеше на 37 натпревари, при што трипати се запиша во листата на стрелците.