Фудбалско самоубиство: Имаа 14 бода предност, па загубија пет по ред и останаа без титула!

Екипата на Ченгду Ронгченг го доживеа еден од најголемите колапси во историјата на фудбалот, откако на неверојатен начин ја испушти титулата во кинеската Суперлига и му ја препушти на составот на Далиан Јингбо.

На тимот предводен од австралискиот тренер Џон Алоиси му беше потребен само еден бод во последните четири кола за математички да го осигура насловот првак, но претрпе четири порази по ред. Ваквиот катастрофален пад максимално го искористи Далиан, кој со четири победи во завршницата стигна до својата прва шампионска титула во клупската историја, завршувајќи ја сезоната со 52 бода, идентично колку што имаше и шокираниот вицешампион.

Падот на Ченгду е уште подраматичен ако се земе предвид дека на само пет кола пред крајот на првенството, оваа екипа имаше огромни 14 бода предност пред ривалот. Во тој последен период тие освоија само еден бод, додека Далиан запиша пет победи во низа. Клучниот момент во овој епски пресврт се случи на 24 октомври во Ченгду, кога гостите славеа благодарение на погодокот на Мамаду Траоре во 66. минута. Бидејќи според правилата во кинеската лига при ист број на бодови најпрво се гледа меѓусебниот скор, а дури потоа гол-разликата, титулата заслужено замина кај Далиан кој победи на двете сезонски пресметки против директниот конкурент.

Во последното решавачко коло, Ченгду загуби на гостувањето кај Шандонг Таишан (2-3), додека истовремено, пред околу 60.000 гледачи, Далиан го совлада Тјанџин Џинмен Тајгер (3-1) преку погодоците на Јанг Мингруи, Лиао Џинтао и Хуанг Шан, започнувајќи го големото шампионско славје.

„Многу сме разочарани што не го освоивме првенството. Сакам на сите да им се извинам“, изјави Алоиси по натпреварот.

На новинарското прашање дали ќе поднесе оставка по ваквото фијаско, поранешниот австралиски репрезентативец кратко одговори дека сега не е време да се зборува на таа тема, оставајќи ја својата иднина на клупата неизвесна.