Лазаревски: Грчката мисија ќе биде тешка, но подготвени сме за бучавата во Халкида!

Македонскиот репрезентативец, Милан Лазаревски, очекува исклучително тежок натпревар на денешното гостување во Халкида против селекцијата на Грција (16 часот) во втората рунда од квалификациите за ЕП 2028, потенцирајќи го големиот напредок на противникот и предноста која ја имаат на домашен терен.

Според неговите проценки, македонскиот национален тим го очекува голем предизвик во салата која не е со голем капацитет, но каде се очекуваат полни трибини и огромна бучава од домашните навивачи.

„Ќе биде тежок натпревар бидејќи Грција ја има предноста на домашниот терен. Во минатото се имаме сретнато неколку пати, но сметам дека напредокот на оваа екипа е особено очигледен. Грција напредуваше во многу сегменти од играта. Сметам дека во моментов тие се навистина квалитетна екипа која мора да се респектира. Успеаја да ја елиминираат Холандија, потврдувајќи го својот квалитет на теренот. Ние ќе се обидеме да ги спроведеме инструкциите на тренерот и ќе го даде максимумот со цел да ја оствариме победата. Знаеме дека нашата мисија ќе биде многу тешка. Салата не е многу голема, ќе биде полна со навивачи и ќе има многу бучава од трибините. Сепак, тоа е предизвик за нас и подготвени сме да се соочиме со секоја пречка. На крајот на краиштата, тоа е единствениот начин да продолжиме да напредуваме како тим на секое ниво“, потенцираше Лазаревски.

Македонската репрезентација кај јужниот сосед пристигна по убедливата победа над Луксембург (41-23) и ќе проба да го пробие бедемот во Халкида, каде што противникот во последните пет години има осум победи и само два порази. Во квалификациите за европските и светските првенства, овие две селекции се сретнале осум пати, при што Македонија доминира со шест победи наспроти двата триумфа на Грција.