Роналдо како што играше последните месеци за репрезентацијата, така и си замина - со скандал
Според информациите на португалскиот весник „Рекорд“, кои ги пренесуваат и други меѓународни медиуми, капитенот на Португалија воопшто не го известил Жезус дека планира да стави крај на настапите за националниот тим. Наместо тоа, Роналдо за својата одлука го информирал претседателот на Португалската фудбалска федерација, Педро Проенса, без претходно да стапи во контакт со селекторот.
Она што ја прави ситуацијата уште понеобична е фактот дека Жезус наводно планирал повторно да смета на Роналдо за претстојните репрезентативни обврски. Селекторот имал намера да го вклучи неговото име во списокот на повикани фудбалери, но одлуката на капитенот го променила текот на настаните. Според истиот извор, Роналдо не одговарал ниту на пораките што Жезус му ги испраќал во изминатите недели, што дополнително укажувало дека комуникацијата меѓу двајцата Португалци практично е прекината.
Несогласувањата меѓу Роналдо и Жезус ескалираа поради одлуките на селекторот околу неговата минутажа. Капитенот бил разочаран од третманот што го добивал, а ситуацијата дополнително се влошила по неговото заминување од репрезентативниот камп. Роналдо претходно јавно објасни дека бил незадоволен од одредени одлуки, но истовремено презеде одговорност за своите постапки и се извини пред португалската јавност.
Неговото заминување означува крај на една историска репрезентативна приказна. Роналдо ја завршува кариерата во националниот дрес како најдобар стрелец во историјата на Португалија, со 146 погодоци на 234 натпревари. Со репрезентацијата ги освои Европското првенство во 2016 година и Лигата на нации во 2019 и 2025 година.