Голманот Овоно по трагедијата со Де Мигел изоставен е од репрезентацијата
Двајцата фудбалери во понеделникот се судрија за време на натпреварот од втората шпанска лига меѓу Андора и Тенерифе. Де Мигел по инцидентот итно беше пренесен на интензивна нега, но во вторникот наутро ја загуби животната битка.
По трагедијата, Овоно се соочи со бројни навреди и обвинувања на социјалните мрежи, каде што дел од корисниците го нарекуваа убиец. Поради огромниот притисок, голманот дури го деактивираше својот профил на Инстаграм.
„Ова се најтешките денови во мојот живот. Тешко ми е да ги пронајдам вистинските зборови, а уште потешко ми е да го прифатам она што се случи. Знам дека ќе има многу прашања и со сè што следува ќе се соочам со најголема почит. Но, во овој момент не можам да размислувам за ништо друго освен за Хесус и болката што ја чувствуваме. Почивај во мир, Хесус“, порача Овоно.
Фудбалската федерација на Екваторијална Гвинеја застана зад голманот и му даде целосна поддршка, нагласувајќи дека минува низ период на огромна тага.
Овоно со години е прв голман на националниот тим, а бранеше и на последните три изданија на Африканскиот куп на нации. Сепак, ќе ги пропушти двата квалификациски натпревари против Зимбабве, кои се закажани за 12 ноември и четири дена подоцна во Хараре.