Македонија засилена со Хориха тргнува кон ЕП 2028 против - редовен пациент!

Македонската ракометна репрезентација вечерва во спортскиот центар „Борис Трајковски“ ги започнува квалификациите за пласман на ЕП 2028 година и тоа како фаворит во пресметката со селекцијата на Луксембург (19 часот).

Избраниците на селекторот Кирил Лазаров во мечот влегуваат со јасна цел за победнички старт на новиот циклус. Овој дуел е прв од групата 8, во која се наоѓаат уште и селекциите на Шведска и Грција, а победата е од огромно значење бидејќи веќе в недела македонските ракометари ги очекува второто искушение со гостувањето кај Грците во Халкида. Пласман на континенталниот собир, кој во јануари 2028 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија, ќе обезбедат првопласираните и второпласираните репрезентации, како и четирите најдобри третопласирани селекции од осумте квалификациски групи.

Шанса за деби во македонскиот дрес добива украинскиот лев бек Дмитро Горига, кој настапува за унгарскиот ПИК Сегед и од кого се очекува да донесе дополнителна сила и квалитет во бековската линија. Главниот товар на теренот се очекува да го понесат капитенот Филип Кузмановски, Марко Митев, Мартин Серафимов и Мартин Велковски, кои ќе имаат задача да го наметнат темпото. Што се однесува до изостаноците, меѓу позначајните отсуства е она на искусниот Жарко Пешевски, додека голманот Никола Митревски се наоѓа меѓу резервите.

Традицијата е апсолутно на страната на жолто-црвените, кои имаат максимален ефект против Луксембург со шест победи од исто толку одиграни натпревари. Последната меѓусебна пресметка се одигра пред три ипол години кога Македонија славеше на гостински терен со 28-23, што воедно претставува и победа со најмала разлика во досегашните дуели.

Но, квалитетот можеби е на наша страна, но стручниот штаб повикува на сериозен пристап и максимална концентрација против тим кој се обидува да го подигне своето ниво и бара изненадување на стартот. Македонија има сериозна традиција на европските шампионати, каде најдобриот резултат во историјата е петтото место освоено во 2012 година, па примарна цел е продолжување на оваа низа настапи.