Потрес во Хумска: Полиција влезе во Партизан поради трансфер на фудбалер во Сити!

Голем потрес се случил во Партизан, откако припадници на Управата за криминалистичка полиција (УКП) влегле во просториите на белградскиот клуб и побарале документација поврзана со трансферот на Филип Стевановиќ во Манчестер Сити во 2021 година, објави „Спортклуб“.

Според информациите, пријавата за овој случај била поднесена уште претходно, а полициските службеници во текот на вчерашниот ден, пристигнале во Хумска за да ги проверат деталите од трансферот.

Сомнежите се однесуваат на можно коруптивно дејствување на лица од раководството на Партизан при склучувањето на договорот со претставниците на Манчестер Сити, во кој посредувала менаџерската агенција на Фали Рамадани.

Од белградскиот клуб ја доставиле целокупната документација што ја побарале истражните органи. Акцијата не траела долго, а полицијата ги презела потребните материјали. Засега нема дополнителни информации за следните чекори во истрагата.

Филип Стевановиќ во јануари 2021 година премина во Манчестер Сити за сума од осум милиони евра. Тој потпиша договор на четири и пол години, но веднаш беше вратен во Партизан на шестмесечна позајмица. Иако беше играч на англискиот клуб, никогаш не дебитираше за првиот тим на Сити. Во меѓувреме, настапуваше како позајмен фудбалер за Херенвен, Санта Клара и Ломел, а во моментов е без клуб.