Легенда на Јунајтед предизвика „непријател“ од Ливерпул на – бокс меч!

Поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед и англиската репрезентација, 41-годишниот Вејн Руни, упати отворен предизвик до својот стар фудбалски ривал Џејми Карагер за пресметка во боксерскиот ринг.

Легендарниот фудбалер изрази огромна желба да ги вкрсти ракавиците со некогашниот дефанзивец на Ливерпул, навраќајќи се на своите младински денови во Евертон и значењето на боречките спортови за неговиот развој.

„Пеколно многу би сакал да дојдам до Карагер, така што можете да му кажете. Кара, би се радувал да те внесам во рингот“, изјави категорично поранешниот англиски репрезентативец.

Желбата за влез во рингот Руни ја манифестираше и при неодамнешната посета на аматерскиот боксерски клуб „Крокстет“, кој е основан и раководен од неговиот чичко Ричи Руни, каде им оддаде почит на локалните таленти Џек Тарнер и Оливер Џонс. Тој призна дека страста кон боксот никогаш не згаснала, иако раководството на Евертон го принудило да се откаже од тренинзите со ракавици кога имал само 15 години.

„Го сакам боксот. Сакам да гледам бокс. Но, не бев доволно добар за да тргнам по тој пат. Тоа е местото од каде што сум. Секогаш помислувам дека за да можам да играм за Евертон на 16 години, боксот беше голем дел од тоа. Им помогна на моите нозе да пораснат, на мојот задник да порасне. Имаш потреба од тоа за својата сила“, објасни поранешниот напаѓач.

Поврзаноста на Руни со боксот ѝ е добро позната на фудбалската јавност, особено по инцидентот во 2015 година кога беше нокаутиран од поранешниот дефанзивец на Сандерленд, Фил Бардсли, за време на пријателски спаринг во кујната од сопствениот дом. Откако веста и видеото протекоа во медиумите, напаѓачот прослави еден свој погодок против Тотенхем токму преку имитирање на паѓање во нокаут на самиот терен. Шпекулациите за негово влегување во боречките спортови кружат подолго време; пред две години доби понуда да се приклучи на промотерската компанија на КСИ, додека минатата година и поранешниот ирски голман Педи Кени го предизвика на двобој кој никогаш не се оствари.

Пред евентуално да ги оствари своите боксерски амбиции, Британецот ќе се соочи со сосема поинаков предизвик надвор од спортот. Подоцна оваа година тој ќе учествува во телевизискиот формат „Јас сум позната личност“ за шестцифрен хонорар, тргнувајќи по стапките на неговата сопруга Колин која во 2024 година го освои второто место во истото шоу.