Приказната за несреќниот Шпанец: Живееше за фудбалот и почина од него!
Во самата завршница од средбата, напаѓачот имаше страотен судир со гостинскиот голман Хесус Овоно при борба за топка, по што остана да лежи без свест на тревникот. Лекарските екипи веднаш му пружија прва помош на самиот терен, по што итно беше пренесен во Универзитетската болница „Нуестра Сењора де Канделарија“, каде беше хоспитализиран во исклучително тешка состојба. Од клубот во текот на ноќта информираа дека неговата невролошка состојба дополнително се влошила, за во вторникот во осум часот наутро и официјално да биде потврдена неговата смрт.
Де Мигел, за кого овој натпревар беше шести сезонава, беше еден од најголемите јунаци во враќањето на Тенерифе во Сегунда дивизија. Тој пристигна во клубот лани во јули од Кастељон, потпишувајќи договор до јуни 2028 година и веднаш стана миленик на навивачите. Својот квалитет го докажа поставувајќи клупски рекорд стар 103 години откако постигна шест погодоци во првите пет официјални настапи за тимот. Првата сезона ја заврши со 11 голови во Третата лига, целосно оправдувајќи ги очекувањата на раководството кое во него гледаше искусен напаѓач клучен за промоцијата во повисок ранг.
Познат под прекарот Деми, левоногиот напаѓач својот фудбалски пат го започна во младинските категории на мадридските клубови, меѓу кои и Леганес. Во текот на богатата кариера настапуваше за Луго Фуенлабрада, Интернасионал де Мадрид, Фуенлабрада, Унион Адарве, Навалкарнеро, Унионистас де Саламанка и Кастељон. Де Мигел беше вистински специјалист за остварување промоции во повисок ранг. Со Интернасионал во 2018 година избори пласман во Сегунда Б, и тоа токму на стадионот „Хелиодоро Родригез Лопез“ каде ја совладаа втората екипа на Тенерифе.
Промоција во втората лига славеше и со Фуенлабрада во сезоната 2018/2019, како и со Кастељон во 2024 година, за кој постигна вкупно 25 голови пред трансферот на Канарските Острови. Трагедијата на домашниот стадион прерано ја прекина неговата кариера, недолго откако оствари еден од најголемите успеси во поновата историја на Тенерифе.