Кејн по „Златната топка“ најави голема одлука: Во прашање се денови
Актуелниот договор на Кејн истекува на 30 јуни, а преговорите се водат веќе неколку месеци, пречка се деталите околу должината. Сепак, се очекува тие наскоро да бидат завршени. Тоа го најави и самиот Кејн на прес-конференцијата пред дуелот со Атлетико Мадрид.
„Би кажал дека е прашање на денови. Имавме добри разговори во текот на викендот. Знам дека постојано велам дека сме блиску, но сега сме навистина многу блиску“, изјави англискиот голгетер.
Кејн пристигна во Баерн во летото 2023 година од редовите на Тотнем.
„Преселбата во Баерн беше голем чекор во мојата кариера и тоа е очигледно. Ќе ми беше лесно да останам на удобно место до крајот на кариерата, знаејќи дека секогаш ќе играм. Но, сакав да се предизвикам себеси и да напредувам. Баерн Минхен ми го промени животот во таа смисла, како на теренот, така и надвор од него. Преселбата во друга земја со моето семејство и начинот на кој бевме пречекани беа навистина неверојатни. Искрено, многу сум среќен што го направив тој чекор“, истакна Кејн.