Томовски: Фаворитската улога мора да се оправда - Луксембург не смее да се потцени!

Машката ракометна репрезентација на Македонија в среда го започнува новиот циклус квалификации за пласман на ЕП 2028, а прв противник во овој поход ќе биде селекцијата на Луксембург.

Натпреварот ќе се одигра пред домашната публика во спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде македонските ракометари влегуваат како апсолутни фаворити со јасна цел да остварат експресна и уверлива победа за освојување на максималните два бода на отворањето. Овој воведен дуел претставува прв чекор кон обезбедување нов континуитет на учества на големите европски собири, при што стручниот штаб и националниот тим се целосно фокусирани на примена на дисциплинирана игра во одбраната и брза транзиција во нападот.

Покрај резултатскиот императив во квалификациите, претстојните натпревари против Луксембург и Грција ќе послужат и како клучна фаза за воигрување пред јануарскиот настап на Светското првенство. Голманот на националниот тим, Мартин Томовски, ја истакна одличната атмосфера во соблекувалната и потребата од максимална концентрација, напоменувајќи дека краткиот период мора да се искористи и за адаптација на новиот играч во репрезентативниот ростер.

„Луксембург не е селекција која што треба да се потцени, така што мораме да бидеме максимално фокусирани. Ќе дадеме се од себе да се радуваме на првата победа во овој европски циклус. Овој меч и и тој против Грција ќе ни бидат еден вид на подготовка за она што ни следи во јануари – настапот на СП 2027. Немаме многу време до тоа првенство, но овој собир да го искористиме максимално, имаме нов ракометар, кој треба да се воигра во екипата. Атмосферата во селекцијата е одлична, се надевам на одлични настапи и на напредок во секој сегмент. Работам напорно, среќен сум на мојата моментална форма. Се надевам дека таа форма ќе ја пренесам и во селекцијата, бидејќи во овој момент тоа е најважно за полесно да функционираме и да победуваме“, изјави Томовски.