Мојс го исфрлил Грилиш од тимот на Евертон!

Евертон славеше убедлива победа од 3-1 против Њукасл и обезбеди пласман во четвртфиналето на Лига купот, но триумфот го одбележа и случајот со Џек Грилиш, кој не беше во составот поради кршење на клупската дисциплина.

Англискиот репрезентативец, кој настапува за Евертон како позајмен фудбалер од Манчестер сити, го пропушти натпреварот од четвртото коло откако, според медиумските информации, не се појавил на тренингот пред дуелот.

Менаџерот Дејвид Мојс не сакаше да навлегува во детали, но јасно стави до знаење дека целосно ја поддржува одлуката на клубот.

„Тоа беше одлука на клубот и јас ја поддржувам. Не би сакал премногу да зборувам за тоа“, изјави шкотскиот стратег.

Сепак, неговата следна изјава беше јасна порака до Грилиш и останатите фудбалери во тимот.

„Мислам дека Евертон има многу добри вредности. Сите играчи ги почитуваат и го прифаќаат она што го бараме од нив, како на теренот, така и надвор од него. Во таа смисла, фудбалерите завршија одлична работа“, порача Мојс.

Грилиш и претходно беше мета на критики поради своето однесување надвор од фудбалските терени. Додека го носеше дресот на Манчестер сити, медиумите често пишуваа за неговите ноќни излегувања и забави.