„Златната топка“ скапо ќе го чини Хари Кејн

Хари Кејн има причина за големо славје, но освојувањето на најпрестижното индивидуално признание во фудбалот ќе му донесе и неочекувани трошоци. Напаѓачот на Баерн Минхен ветил дека ќе ги почести соиграчите од германскиот клуб и англиската репрезентација со специјални подароци по добивањето на „Златната топка“.

Англискиот голгетер го заслужи признанието по извонредната сезона, во која постигна вкупно 73 гола за Баерн и националниот тим. Неговиот успех предизвика големо внимание, а дел од соиграчите веќе почнале да му навестуваат што би сакале да добијат како подарок.

„Некои од момците побараа часовници или нешто слично, па ќе морам да смислам нешто убаво за нив – и во Баерн и во англиската репрезентација. Ќе размислам и ќе се погрижам секој да добие убав подарок“, изјави Кејн за германскиот весник „Билд“.

Судејќи според желбите на соиграчите, англискиот напаѓач би можел да потроши значителна сума за да го исполни ветувањето. Часовниците се меѓу најчесто споменуваните желби, а токму еден таков предмет го привлече вниманието и на церемонијата на доделувањето на наградата.

Кејн тогаш носеше исклучително редок модел „Ролекс Дејтона“, чија вредност, според објавените проценки, се приближува до еден милион фунти.

Покрај финансискиот аспект, освојувањето на „Златната топка“ претставува историски момент за англискиот фудбал. Кејн стана првиот Англичанец кој го добил признанието по Мајкл Овен во 2001 година. На патот до трофејот ги остави зад себе Килијан Мбапе од Реал Мадрид и Ламин Јамал од Барселона.

Наградата може да му донесе и дополнителни почести во татковината. Кејн призна дека не би одбил да добие витешко звање, иако засега не сака премногу да размислува за таа можност.

„Секако дека не би одбил. Навистина би го ценел тоа. Ако се случи, ќе биде неверојатно и ќе бидам исклучително горд, но не сакам уште сега премногу да се занесувам“, порача капитенот на Англија.

Тој призна и дека титулата „сер Хари Кејн“ звучи добро, иако би му било малку необично да му се обраќаат на тој начин.

Во меѓувреме, англиските навивачи ќе имаат можност да го поздрават својот капитен и да го видат трофејот на „Вембли“ на 12 ноември, пред натпреварот против Хрватска.