Судискиот одбор за Вардар–Тиквеш: Голoт на домаќините регуларен, нема основа за црвени картони!
Од Судискиот одбор сметаат дека клучните одлуки на арбитрите биле во согласност со Правилата на фудбалската игра, нагласувајќи дека немало пропусти што влијаеле врз конечниот резултат.
Најголемо внимание привлекува ситуацијата од 58. минута, кога Вардар постигна гол. Според стручната анализа, погодокот бил правилно признаен бидејќи напаѓачот не се наоѓал во офсајд-позиција во моментот на додавањето.
Од Одборот објаснуваат дека при проценката на офсајдот мора да се земат предвид моментот на играње на топката, положбата на напаѓачот во однос на топката и претпоследниот одбранбен играч, како и евентуалното влијание врз противничките фудбалери. На достапните видео-снимки се гледа дека одбранбен играч на гостите задоцнето се повлекува и останува во позиција со која го покрива напаѓачот на Вардар. Поради тоа, асистентот судија исправно го признал голот.
Предмет на анализа беа и жолтите картони во 77. и 89. минута. Во првата ситуација, на фудбалерот со број 34 на Вардар (Лукас) му беше покажан жолт картон. Судискиот одбор оценува дека прекршокот не ги исполнувал условите за директно исклучување, бидејќи не биле исполнети критериумите за прекумерна сила или бруталност. Сличен е ставот и за интервенцијата на играчот со број 4 на Тиквеш (Фал) во 89. минута. Иако станувало збор за задоцнет и преостар старт со контакт во долниот дел од ногата на противникот, според анализата немало елементи за директен црвен картон. Жолтиот картон бил соодветна дисциплинска мерка, а проценката за тоа на која екипа требало да ѝ припадне прекршокот, според Одборот, била во надлежност на главниот судија, кој се наоѓал во непосредна близина на настанот.
Сепак, Судискиот одбор посочи и две ситуации во кои има простор за поинаква проценка. Станува збор за контакти во акциите што претходеа на вториот и третиот гол на Тиквеш, при кои можело да бидат досудени прекршоци во корист на Вардар. Главниот судија, во согласност со критериумот што го применувал во текот на натпреварот, проценил дека контактите не се за прекршок и дозволил играта да продолжи.
Во заклучокот, Судискиот одбор наведува дека сите 12 изречени дисциплински мерки биле правилно доделени, а судискиот критериум бил доследен во текот на целиот натпревар. Според нивната оценка, арбитрите успешно управувале со играта и играчите и немало одлуки што влијаеле врз текот на средбата или конечниот резултат. Од Одборот испратија и порака дека судиските одлуки ќе продолжат да се носат врз основа на Правилата на фудбалската игра, без оглед на притисоците и реакциите од јавноста, со принцип на еднаков третман за сите екипи.